Македонски (Macedonia)English (United Kingdom)
Почетна Новости Информации - Mагистерска теза во споредба со докторска дисертација
- Mагистерска теза во споредба со докторска дисертација PDF Печати Е-пошта

Разлики помеѓу магистерска теза и докторска дисертација

Обично, во поголем број земји во светот, теза претставува завршен проект за стекнување научен степен магистер на науки, додека дисертацијата води кон научен степен - доктор на науки.

Оние кои се стремат кон научен степен магистер на науки мора да извршат истражување во одредена област со кое ќе го прикажат своето знаење стекнато за време на постдипломските студии. Докторската дисертација се разликува од магистерската теза во тоа што дисертацијата мора да даде придонес во областа на истражување со нешто сосема ново и неоткриено во областа[i]. Со други зборови, мора да се даде оригинално знаење како придонес во областа. Така, главната разлика помеѓу теза и дисертација е длабочината на знаењето со кое кандидатот мора да се стекне за да може да го напише трудот.

Магистерската теза е поблиску поврзана со научно истражувачки труд кој го работел кандидатот за време на студирањето. Се очекува кандидатот да ги користи резултатите од другите истражувања, а да даде сопствена анализа на своите откритија. Магистерската теза го прикажува степенот на критичко и аналитичко размислување на кандидатот и го одредува предметот на истражување во областа за која е заинтересиран кандидатот.

Со докторската дисертација се очекува кандидатот да ги користи другите истражувања во областа само како водилка и показател на сопствените истражувања за да се пронајде и изнесе сопствена комплетно нова хипотеза[ii].

Друга разлика помеѓу теза и дисертација е во нивната должина. Магистерската теза обично се пишува преку 100 страници, но на некои универзитети е помеѓу 60 и 100 страници. Докторската дисертација обично е со должина од најмалку двапати, а понекогаш трипати од магистерската теза.

Што е магистерска теза?

Магистерската теза е наменета да им овозможи на кандидатите можност да извршат истражување во одредено поле од интерес и да дадат битен (важен, суштински) придонес кон знаењето во областа. Се очекува тезата да содржи севкупна, детална и критичка синтеза на релевантната литература, а исто така да опфати суштински теоретски придонес кон знаењето, детално емпириско истражување или и двете.

Што е содржано во ‘придонес кон знаењето' варира во значителна мерка во зависност од одделите или катедрите на факултетите. Многу битно за студентите да разговараат на оваа тема со потенцијалниот ментор на магистерската теза. Основната тема на тезата во општ случај е резултат на разговори/преговори помеѓу менторот и студентот. Студентот ја превзема одговорноста за почитување на условите за запишување и режимот на студирање кој што се бара од факултетот и менторот.

Од чисто практична перспектива, предметот на магистерската теза треба да биде така избран за да може потребната работа околу магистерската теза да се заврши во рок од 12 месеци од денот на одобрување на темата на магистерскиот труд[iii].

Што е докторска дисертација?

Идејата на докторската дисертација претставува хипотеза, претпоставка, теорема. Дисертацијата е формален, стилизиран документ со кој што се докажува и образложува тезата. Тезата треба да биде значајна, оригинална (сеуште никој не покажал дека ова е точно) и мора да го прошири степенот на научно знаење[iv].

Да прегледаме некои работи кои изгледаат очигледни:

1.      Дисертацијата е дел од условите за стекнување научен степен - доктор на науки. Исто така, придонес кон целта имаат истражувањето, теоријата, експериментите и сл. Кандидатот не се обидува да опфати сѐ во една дисертација.

2.      Дисертацијата е технички труд со кој што се документира и поставува доказ на тезата на кандидатот. Нејзината намена е за техничката публика, па мора да виде јасна и целосна, но не е задолжително да биде длабоко детална. Треба да се забележи дека доколку постојат експериментални податоци тие не се доказ, туку исказ односно свидетелство за истражуваното. Доказот се претставува со анализа и критичко покажување. Како општо правило, секој исказ во дисертацијата на кандидатот мора да биде општо позната работа (знаење), поддржана со референци од техничката литература или пак оригинални резултати докажани од кандидатот. Сите искази мора директно да бидат поврзани со докажување на тезата, во спротивно тие не се потребни.

3.      Дисертацијата не е теза. Тезата на кандидатот е тврдење - хипотеза. Во дисертацијата кандидатот детално опишува како ја докажува хипотезата (или поретко како го побива тврдењето и прикажува други важни резултати).

 

Прва работа што треба кандидатот да ја направи е да состави не повеќе од три реченици со кои ќе ја искаже својата теза. Комисијата мора да биде согласна дека со тврдењата се оформува валидна теза. Кандидатот мора да биде задоволен со своите тврдења - тие треба да бидат токму она што кандидатот ќе му го каже на некој кој ќе праша што е суштината на тезата (малкумина би сакале како одговор да слушаат презентација од еден час).

Откога кандидатот ќе ги има исказите за тезата, може да пристапи кон развивање на дисертацијата. На пример, резимето треба да биде опис на тезата на кандидатот во должина од една страница со која ќе се претстави начинот како ќе се докажува тезата. Резимето треба да ги резимира резултатите од тезата и треба да го нагласи придонесот кон научната област воопшто.

Самата дисертација обично е составена од 4 до 6 глави. Следнава листа претставува една вообичаена структура која што се користи за таа намена:

  1. Вовед. Покрива вовед во основната терминологија, дава цитати и референци од соодветен преглед на литературата и досегашни научни сознанија, накратко ги разгледува работите кои што веќе се покриени и истражени во однос на разгледуванот проблем.
  2. Апстрактен модел. Се разгледува моделот/проблемот кој кандидатот се обидува да го докаже. Во оваа глава не се наведува начинот на имплементација на моделот.
  3. Валидација на моделот/доказ на теоремата. Во оваа глава се прикажува доказот на моделот. Може да се состои од низа докази, или пак расправа за составување и валидација на моделот или симулација со која што се прибираат податоци за поткрепа на тврдењата.
  4. Мерења/податоци. Во оваа глава се прикажуваат различни податоци добиени од реална примена, од симулации или пак од други извори. Претставувањето на податоците вклучува нивна анализа со која што се покажува како подлога за докажување на тезата.
  5. Дополнителни резултати. Во некои трудови може да постојат секундарни студии за докажување или пак може да биде случај кога при докажување на главата теза се добиени дополнителни важни резултати.
  6. Заклучоци и понатамошна работа. Тука се поврзуваат и се претставуваат сите резултати. Јасно треба да бидат наведени сите ограничувања, спречувања и специјални услови заедно со резултатите. Може да се опише и јасно проширување на идната работа.


[i] "Differences Between a Masters Thesis and Doctoral Dissertation", http://www.campusexplorer.com/college-advice-tips/64C6D277/What-Is-the-Difference-Between-a-Thesis-and-a-Dissertation/

[ii] Научна претпоставка што треба допрва да се провери и докаже, Секоја претпоставка воопшто. Дигитален речник на македонскиот јазик, http://www.makedonski.info/show/хипотеза/ж, пристапено на 27.10.2015.

[iii] Член 230 од Статут на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, пречистен текст, Скопје, 24 јули 2013.

[iv] Eugene H. Spafford, "What is a Ph.D. Dissertation?", Purdue University, http://spaf.cerias.purdue.edu/StudentInfo/spaf.html, пристапено на 27.10.2015.

Последно освежено на Вторник, 27 Октомври 2015 15:11