Македонски (Macedonia)English (United Kingdom)
Почетна
СТРЕП PDF Печати Е-пошта
Logo

ЗАЈАКНУВАЊЕ ЅИДАРИЈА СО КОНСТРУКТИВНО ПРЕФУГИРАЊЕ (СТРЕП)

2018-2019

 

ВОВЕД

Заедно со дрвото како конструктивен материјал, ѕидаријата претставува најстар градежен материјал кој што сеуште се користи во градежништвото. Техниката на поставување камени или блокови од тула еден над друг, без или со присуство на врзен материјал (малтер) се покажала како многу успешна, а главно се оправдува со нејзината едноставност и долготрајност на конструкциите. Како основни материјали кои се користеле при изработка на ѕиданите конструкции биле природниот камен и тулите. Техниката на ѕидање на елементите од ѕидарија не се разликува многу со денешната, но затоа пак материјалот од кој што се градат конструктивните елементи од ѕидарија, како и врзниот материјал (малтерот) со текот на времето претрпел поголема еволуција.

Ѕиданите конструкции главно може да бидат изведени од неармирана врамена или армирана ѕидарија. Особено неармираната ѕидарија претставува најчесто употребуван материјал за градење во минатото насекаде во светот. По случените земјотреси во минатото, забележано е дека овие конструкции се едни од најповредливите типови на конструкции, во однос на случените жртви и материјални штети. Иако претставува една од најстарите материјали за градење, во однос на својата јакост и деформациони својства спаѓа во една од најмалку проучените области од градежништвото. Моментално, повеќе важност се придава на проучување на повредливоста на армирано-бетонските конструкции, затоа што тие се едни од најчесто градените конструкции во изминатите години. Меѓутоа, подеднакво важна е и анализата за сеизмичка повредливост на објектите изведени од ѕидарија. Повредливоста се дефинира како степен на склоност на конструкцијата да претрпи одреден тип на штета под влијание на одредени услови. Функција на повредливост на една конструкција се дефинира како очекувано ниво на штети во функција од сеизмичкото движење на почвата.

Проценката на сеизмичките оштетувања претставува област која што многу бргу се развива. Потребата од ефикасна и доверлива проценка на социо-економското влијание на земјотресите се истакнува по појава на големи земјотреси насекаде во светот. Напредокот на технологијата допринесува за развивање на алатки за проценка на оштетувањата и сеизмичката повредливост на објектите. Исто така, со искуствата стекнати од неодамнешните земјотреси се обезбедуваат повеќе корисни податоци потребни за развивање на модели за подобра проценка на однесувањето на конструкциите со цел да се оценат економските загуби кај објектите, како и социјалните последици како што се жртвите и потребите за вонредно сместување на настраданите. Различните методи за проценка на сеизмичката повредливост на конструкциите се разликуваат во однос на трошоците и прецизноста. Помеѓу нив припаѓаат методи кои што се базираат на набљудувана повредливост, повредливост базирана на мислења на експерти, аналитички пристапи базирани на едноставни модели, детални постапки за проценка и анализа (статички и динамички, линеарни и нелинеарни).

По констатираната повредливост за сеизмички оштетувања на постоечките конструкции, вообичаено се проектираат и применуваат различни концепти за санација и зајакнување на ѕиданите конструкции. Во овој смисол под санација се подразбира поправка на штетите предизвикани од земјотрес при што сеизмичката носивост на конструкцијата се доведува до ниво пред оштетувањето. Од друга страна, под сеизмичко зајакнување се подразбираат збир од технички мерки што се применуваат на конструктивниот систем со кои што се зголемува сеизмичка отпорност преку зголемување на неговата носивоста, дуктилност или взаемно и двата параметри.

Изборот на методи за санација и зајакнување се базира на потребата применетите методи за зајакнување да обезбедат потребен степен на сеизмичка носивост за што се потребни и експериментални испитувања и контроли на ефикасноста на предложените технички решенија. Не помалку важно е избраното техничко решение да биде едноставно и економично за изведба. Во случај на интервенции кај историски споменици, предложените мерки треба да ги исполнуваат основните услови за реставрација и конзервација на културните споменици.

Покрај тоа што во светот и кај нас постојат експериментални и аналитички истражувања на ефектот на методите за санација и зајакнување, процесот на зајакнување на ѕиданите конструкции, посебно во праксата кај нас, се сведува најмногу на инженерското и искуството на работниците. Ова посебно како лекции научени како последица од некое земјотресно влијание, а помалку како експериментално лабораториско истражување.

Поради тоа, мотивацијата за ова истражување доаѓа од потребата за проучување на однесувањето на зајакната ѕидарија со една од традиционалните методи за санација и зајакнување, методот на префугирање. Дополнително, истражувањето е мотивирано и од недостаток на параметри за физичко-механички карактеристики на ваквата ѕидарија како композитен материјал, но и со потребата од зголемување на базата на експериментални резултати. Во остварување на зададеното, одлучено е да се проучува одговорот на конструктивни елементи од ѕидарија при дејство на симулирани сеизмички влијанија. Исто така, голем дел од ѕидани градби во нашата земја се со културно, историско и религиозно значење, па оттука доаѓа и мотивот за избор на методот за префугирање како метод што лесно може и практично да се аплицира онаму каде што ќе се процени дека е соодветен за примена.

 

ПРЕДМЕТ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Предмет на истражување во овој научно-истражувачки проект се ѕиданите конструкции, поточно проучување и експериментално испитување на еден од традиционалните методи за зајакнување на ѕиданите конструкции, методот на префугирање, со употреба на традиционални и современи материјали.

Во нашата земја, како сеизмички активен регион, постојат голем број на стари градби изградени од нехомоген материјал и главно анализирани на влијание од вертикални товари. Кај овој тип гради со примена на традиционалниот пристап за анализа на постоечките ѕидни конструкции не може да се докаже стабилноста на самата конструкција. Современите методи за зајакнување на ѕиданите конструкции бараат и примена на современи материјали за зајакнување на истите, а при тоа да не дојде до нарушување на конструктивниот систем на објектот. Од друга страна, традиционалните методи за зајакнување бараат помалку ресурси, поедноставни се за изведба и за нив се применуваат вообичаените градежни материјали. За да може пореално да се следи одговорот на конструкцијата, без разлика на применетиот метод за зајакнување, неопходни се експериментални истражувања, како за конструкцијата, така и за материјалите со кои се врши самото зајакнување.

 

ЦЕЛИ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Целите на ова истражување се насочени кон експериментално истражување на методот на префугирање со примена на два типа малтери: (1) традиционален варов малтер со кршена тула и (2) современ полимер-цементен малтер за префугирање со додатоци на влакна. За двата типа малтери се предвидува и дополнително приложување на полипропиленски (ПП) траки во хоризонталните фуги. Истражувањето планирано во проектот има за цел и:

  • проектирање на материјал за префугирање со особен придонес во зголемување на сеизмичката отпорност на ѕидаријата,
  • определување на ефикасноста на методот со префугирање, како метод за зајакнување на ѕиданите конструкции,
  • дефинирање на економската исплатливост за примена, времето потребно за апликација и комплексноста на процесот.
  •  

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО

Од големиот број на земјотресни активности во минатото, лесно може да се заклучи дека ѕиданите конструкции се едни од најранливите типови на конструктивни системи во Република Македонија. Затоа, од огромна важност е да се познаваат карактеристиките на материјалот за изведба на ѕиданите карактеристики, а ова експериментално и аналитичко истражување ќе даде голем придонес посебно заради фактот дека методите за зајакнување на ѕиданите конструкции главно се базираат на искуствата од инженерите и работниците. Главен научен придонес на темата е:

  • Определување на јакостно-механички карактеристики на составните делови на ѕидаријата и малтерот за зајакнување,
  • Определување јакостно-механички карактеристики на ѕидаријата како конструктивен материјал за ѕиданите конструкции, за две состојби: незајакната и зајакната ѕидарија,
  • Утврдување на ефектот на методот за зајакнување на ѕидани конструкции во полза на донесување препораки и мерки за заштита на постоечките ѕидани објекти под влијанија од земјотрес,
  • Определување на применливоста, начинот на изведба и економските ефекти на методот за зајакнување постоечки конструкции.

Методот за зајакнување со префугирање на ѕиданите конструкции кај старите градби е еден од најбрзите методи за зајакнување на овие конструкции, без да се наруши конструктивниот систем на објектот. Материјалите кои се користат со овој метод се достапни во нашата земја, а дел од нив се производ на партнерската институција во проектот. Доколку се докаже ефикасноста и економската исплатливост, примената на овој метод со материјалот варов малтер со кршен камен и Репаратур малтер Ф4 може да има директна и честа апликација на ѕиданите објекти во нашата земја и регионот. Резултатите од истражувањето ќе придонесат до зголемување на достапните експериментални истражувања кои во овој момент се оскудни, а исто така се очекува да бидат основа за калибрирање на постојни и дефинирање на нови аналитички методи за пресметување на носивоста на така зајакнатите објекти од ѕидарија.

 

ПАРТНЕРИ И УЧЕСНИЦИ

 

KTKLogo

(МК)

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Градежен факултет Скопје,

Катедра за теорија на конструкции и компјутерска анализа


Проф. д-р Елена Думова-Јованоска (раководител на проектот)

Вон. проф. д-р Сергеј Чурилов

М-р Стефан Мицевски

Студент соработник: Маја Гошева (2. циклус)

IziisLogo

(МК)

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,

Инсититут за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија


Проф. д-р Вероника Шендова

Проф. д-р Лидија Крстевска

М-р Александар Златески

Студент соработник: ... (2. циклус)
AdingLogo

(MK)

АДИНГ АД Скопје


М-р Бојан Дамчевски

Диме Јанчев






Последно освежено на Четврток, 15 Ноември 2018 12:39